Советникот на американскиот претседател за економски прашања, Питер Наваро, ја обвинил Кина дека намерно ги испратила туристите по светот за да се рашири вирусот.

„Нултиот пациент во провинцијата Вухан се појави во месец ноември. Кинезите, криејќи се зад СЗО, два месеци го криеја вирусот од светот, а потоа испратија 100-на илјади Кинези со авион во Милано, Њујорк и по целиот свет, за да го ‘посеат’ вирусот“ – изјавил Наваро.

Според неговите зборови, Кина можела да го запре ширењето на епидемијата, оставајќи го вирусот во Вухан.

„Ете зошто зборувам дека Кинезите им го направија тоа на Американците и дека треба да сносат одговорност за тоа“ – објаснил советникот на Трамп.

Претходно, високо позиционираниот здравствен советник на кинеската влада, доктор Зонг Наншан, изјавил дека локалните власти во Вухан, градот во кој што првпат беше забележана пандемијата во декември минатата година, ги сокриле клучните детали за обемот на почетното жариште.

Иако Зонг признал дека на почетокот бил пријавен помал број заразени во Вухан, тој ја отфрлил тужбата дека официјалните статистики во Кина се недоверливи.

Кина, каде што се пријавени над 82.000 заразени и 4.633 починати луѓе од пандемијата, во голема мера го запре вирусот и почна да го враќа животот во нормала.

Мерките за карантин се ублажени, а некои од училиштата и фабриките повторно се отворени.