Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција изјави дека имал средба со Александар Верушевски и дека Верушевски е голем патриот.

По средбата со Зоран Милески Кичеец, еден од главните актери во аферата Рекет, Мицкоски имал средба со уште еден голем патриот како што е Александар Верушевски. Со толку многу патриоти околу себе лидерот на опозицијата можеби планира да формира Патриотски Фронт за за освојување на власта!?

Инаку, Александар Верушевски, кој е син на разузнавачот Зоран Верушевски ( кој е советник на Зоран Заев и Претседател на Комисијата за безбедност во СДСМ ), има многу контроверзно и криминално минато. Таа негова биографија беше една од причините неговиот татко да ја напушти службата во МВР, каде беше на раководни позиции, и да замине да биде аташе во македонската Амбасада во Рим.

Александар Верушевски веќе подолго време живее во Струга каде има свој бизнис. За разлика од неговиот татко кој беше близок со Зоран Заев, Александар Верушевски долго време беше близок со Сашо Мијалков.

Пред десетина дена во еден портал близок на ВМРО ДПМНЕ, беше објавен снимен телефонски разговор меѓу Зоран Заев и Александар Верушевски во една кафеана во Струмица. Заев потврди дека тие бомби кои беа објавени на youtube биле снимени од Александар Верушевски.

Адвокатот Васко Стојков, кој заедно со Љупчо Палевски Палчо, го формираа движењето Трета, на својот фејсбук профил објави дека тие бомби се дел од еден подолг снимен разговор меѓу Заев и Верушевски во Струмица 2016 година и дека тој снимен разговор трае два часа и 36 минути.

Александар Верушевски беше близок пријател со Љупчо Палевски Палчо кој веќе осум месеци е во екстрадиционен притвор во Белград. Ќе видиме дали оваа блискост меѓу Мицкоски и Верушевски ќе значи и ослободување на Палевски пред изборите и како тоа ќе се одрази врз позиционирањето на таа групација Ни Курто ни Мурто.