По повеќе од два месеца, скопската Зоолошка градина утре повторно ги отвора своите врати за посетители. Работното време ќе биде од девет до 18 часот, бројот на посетители ќе биде ограничен, а поради сѐ уште присутниот коронавирус, ќе важат и некои нови протоколи за работа и однесување.

„Носење маска ќе биде задолжително, иако станува збор за отворен простор, а при шетање низ градината посетителите треба да одржуваат дистанца. Строго е забрането хранење и доближување до животните и не смеат да се користат летниковците и игралиштата“, рекоа од Зоолошката градина.

Таа беше затворена во средина на март и посетителите сега ќе ги дочека едно ново живеалиште, откако неодамна пристигнаа фламингата. Нови жители наскоро ќе станат и пингвини и алпаки, а летово треба да се отвори и Дино паркот.