Турски војници наводно запоседнале грчки мини остров на реката Еврос (Марица), која е граница со Грција. Атина ја демантира ваквата вест, но сепак протестира. Спорна, по се’ изгледа, е новата гранична ограда.

Griechenland, Grenzgebiet (DW/M.Karakoulaki)

Барем една работа не е спорна: реката која во својот бугарски тек се вика Марица, а во Грција – Еврос, е природна граница помеѓу Грција и Турција. Во 2012 година Грција на нејзе подигна ограда висока три метри и долга десет километри, за да ја запре „нерегуларната миграција“ од Турција

Претседателот Реџеп Таип Ердоган во февруари 2020 година на друго место ја отвори границата кон Грција за бегалци, а Грција реагираше со полициска сила. Владата во Атина тогаш најави дека ќе ја продолжи оградата со бодликава жица.

На средината на април на Турција и’ е соопштено дека работите ќе продолжат и тоа исклучиво на грчка територија. На единаесетти мај турскиот министер за надворешни работи протестираше поради тоа и предложи средба на грчки и турски стручњаци за да не дојде до повреда на границата.

Двете страни имаат проблем што границата може да се менува и без влијание на човекот. Константинос Филис, директор на атинскиот Институт за меѓународни односи, објаснува: „Како што поминува времето и се менува коритото на реката, тоа е нормално во оваа област. И, поради тоа може да дојде до незначителни промени на границата.“ Филис вели дека во последните неколку месеци долж течението на реката се развило мочуришно подрачје кое потоа се исушило. Сега е тешко да се каже од која страна на границата се наоѓа спорното земјиште, отприлика еден хектар. Така што, ниту Филис не може да каже дали турските војници стапнале на грчко тло.

Грчката опозиција, предводена од поранешниот премиер Алексис Ципрас, од грчката влада бара да заземе став за „самоволни и агресивни акции на Турција“. Меѓутоа, грчкиот генералштаб ја демантира веста за појавување на турски војници на грчка територија. Дури и десноориентираниот атински весник Демократија, кој не пропушта прилика за вербални напади на Турција, зад својот наслов става прашалник: „Дали е окупирана грчка територија?“

Infografik Karte Grenze zwischen Griechenland und der Türkei EN

Спор со симболично значење

„Нема странска сила на грчко тло“, наведува во соопштение издадено минатиот викенд грчкото Министерство за надворешни работи. Министерот за надворешни работи Никос Дендијас во неделата на телевизијата Скај беше уште погласен и рече дека таквите вести се „бесмислици“. Тој смета дека Турција спроведува „милитаризација на споровите“, но Грција не би смеела да падне во таа замка. Атинскиот весник То Вима јавува дека во областа Ферес турски експерти веќе извршиле мерења на пограничната река Еврос – можно е притоа да не се држеле само до турска територија. Сепак, изгледа дека ескалација на ситуацијата не е во интерес на Анкара. Турскиот амбасадор во Атина, Бурак Озугергин, во интервју за То Вима вели дека тој со својот грчки колега е согласен „дека се работи за техничко прашање, а не за пограничен конфликт“.

Што и да се случило на реката Еврос, тоа е карактеристично за постојаната тензија помеѓу двете членки на Северноатлантскиот сојуз – Грција и Турција. Речиси се заборавени позитивните епизоди во односите помеѓу двете земји. Кога турскиот град Измир во 1999 година настрада тешко во земјотрес, грчките спасувачи беа меѓу првите кои пружија помош. Нешто подоцна земјотрес ја погоди Атина, а турските спасувачи веднаш поитаа да помогнат. Таа „земјотресна дипломатија“ доведе до попуштање на тензиите и нормализација на односите – таа атмосфера за младите генерациии е сосема нормална.

Но, по неуспешниот пуч против Ердоган, во летото 2016-та, се надвиснаа тешки облаци над соседите на Егејот. Повеќе турски офицери побегнаа во Грција и тука побараа политички азил. Грчкото правосудство до денес одбива да ги испорача на Турција и тоа го предизвикува Ердогановиот бес.

Flüchtlinge Landroute Türkei Griechenland (picture-alliance/dpa)

Нови тензии поради политиката кон бегалците

„Важен пресврт“, според политикологот Филис, се случи во февруари годинава, по избивањето на насилство на граничниот премин Кастаниес/Пазаркуле помеѓу Турција и Грција. Ердоган им дозволи на илјадници бегалци да тргнат кон границата со Грција. Но, тоа не му се исплатеше политички.