Кога во 2006 година беше избран на чело на Исламската верска заедница, поранешниот реис Сулејман Реџепи сигурно не очекуваше дека на таа функција ќе остане цели 14 години. Тоа е периодот кога дел од владата на Никола Груевски беа ДПА и Мендух Тачи. Во тој момент Реџепи беше изборот на Тачи, но во меѓувреме тој смени многу страни и многу дресови и успеа да преживее цели 14 години на чело на ИВЗ.

За неговата смена се шпекулираше во последните 30-тина дена но очигледно се чекаше завршување на рамазанските пости за истата да биде реализирана. Добрите познавачи во ИВЗ сметаат дека во процесот на примопредавањето на власта во ИВЗ ќе има барем уште една фаза пред тоа да биде конечно завршено. Односно дека многу повеќе ќе се знае по завршувањето на парламентарните избори.

Јавна тајна е дека Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири долго време работеше на смена на екс реисот Реџепи. Ако СДСМ ја формира следната влада тогаш кадар на Зекири ќе дојде на чело на ИВЗ. Инаку, Зекири е дел на СДСМ кој освен за смена на Реџепи силно инсистираше и на неправење коалиција со ДУИ.

Смената на Реџепи, Зекири ја искоментира на својот фејсбук профил со зборовите-На тие што се резилат, Алах не им ги одзема душите без да им ги земе лицата!