Пред точно 29 години, на денешен ден, Дарко Панчев и Црвена звезда станаа победници на Купот на шампионите во Европа.

Црвено белите до финалето ги елиминираа швајцарскиот шампион Грасхоперс (1: 1, 4: 1), шкотскиот Глазгов Ренџерс (3: 0, 1: 1), германскиот Динамо од Дрезден (3: 0, 2: 1) и Баерн од Минхен (2: 1, 2: 2). Со победата над францускиот шампион Марсеј, во финалето на Европскиот куп на шампиони, на стадионот „Свети Никола“ во италијанскиот град Бари, Црвена Звезда стана европски шампион во фудбал.

Во пенал серијата, голманот на Звезда, Стеван Стојановиќ, го одбрани првиот пенал во серијата на Мануел Аморос, додека сите од Звезда беа прецизни: Просинечки, Биниќ, Белодедиќ, Михајловиќ и Панчев. Нашиот Дарко Панчев шутираше последен, беше прецизен во таа пенал серија, и потоа почна славјето на навијачите и фудбалерите на Црвена Звезда.

Тоа беше најголем фудбалски успех на клубско ниво во тогашна СФРЈ. Освен Панчев, во финалето во Бари играше и Илија Најдоски.