Никој од Западот не ни нуди ништо за Косово освен понижување, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за австрискиот дневен весник „Клајн Цајтунг“.

На заклучокот дека Белград и Приштина се далеку од нормализирање на односите, дека преговорите под покровителство на ЕУ досега биле неуспешни и на прашањето зошто Србија не е подготвена да ја признае независноста на Косово, Вучиќ рече дека „она што сите ни го нудат е ништо“.

Тие ни велат да гласаме за независност на Косово и тогаш патот во правец кон ЕУ ќе биде полесен – тоа е големо „ништо“. За возврат никој не може да ни гарантира членство во ЕУ. Никој не ни кажува што Србија добива за возврат во Косово, па дури ни Унијата на српски општини или нешто друго. Тоа вклучува статус на нашите цркви и манастири – објасни тој.

Вучиќ рече дека не може да каже за што станува збор, бидејќи тогаш преговорите нема да имаат смисла. Тој подвлече дека никој нема да може да ја принуди Србија да го признае Косово без да добие нешто за тоа.

Секако, мора да живееме заедно. Потребен е компромис и мора да размислиме за иднината. Јас сум против замрзнат конфликт, бидејќи со тоа ги оставаме нашите деца со ист проблем. Замрзнатите конфликти можат повторно да бидат одмрзнати, што во моментов ги гледаме околу Нагорно Карабах, меѓу Ерменија и Азербејџан, рече Вучиќ.

Запрашан за промените на светската политичка сцена, тој посочи дека денес има четири доминантни сили – САД, Кина, Русија како прва или втора воена сила во светот и ЕУ, која е економска и политичка моќ, но не и воена.

Под овие услови, во кои сите дејствуваат како империјална сила и Србија е на крстопат, мора да се води борба секој ден, и тоа не е лесно. Во тоа влегуваат реформи и странски директни инвестиции, како и остварување на најдобри односи со Русија и Кина. Имаме такви односи и не се срамиме од тоа, но горди сме на тоа. Секако, имаме добри односи и со САД и сме на европскиот пат – објасни Вучиќ.

Вучиќ рече дека Србија нема избор, затоа што никој на Запад не понуди ништо за Косово освен понижување, освен САД кои ни понудија економска помош за развој на односите.