Последниот титов дипломат и поранешен министер за надворешни работи на СФРЈ, Будимир Лончар, во интервјуто за хрватскиот Јутарњи лист вели дека ако Анте Марковиќ станел премиер десет години порано Југославија немаше да се распадне.

Ако Анте Марковиќ се појавише десет години порано, Југославија ќе беше квасец за многу работи во Европската унија, и тој ќе беше најпопуларниот политичар по Тито, вели Лончар.

Според него долгот на СФРЈ не бил толку голем како што се пишуваше и тоа не беше причината за распад на државата.

Кога влеговме во економска криза во 1981 година, имавме 16 милијарди долари долг, што беше 24 отсто од БДП. Денес, Хрватска има над 85 отсто, а Италија 125 отсто од БДП. Задолжувањето на Југославија одеше кон инвестиции, а не кон потрошувачка. Долгот требаше да се репрограмира, бидејќи не можевме да го сервисираме краткорочниот долг од 5,5 милијарди долари, вели тој.

Јас бев силно ангажиран таму, бев на чело на преговарачкиот тим. Ми помагаше Александар Хаиг, шефот на Стејт департментот на САД. Ова беше последица на нашата меѓународна позиција во светот.

Будимир Лончар објаснува како станале пријатели со Џорџ Сорос:

Го запознав Сорос преку Светлана Костиќ Стоун, која беше секретар на Американската академија на науките и уметностите. Во тоа време таа се забавуваше со Сорос. Очувот на Светлана бил познат професор по математика на МИТ и нобеловец. Нејзиниот живот е вистинска филмска приказна.

Сорос беше заинтересиран за ситуацијата во Источна Европа, но и за глобалните односи, сè што јас работев, па затоа му бев интересен соговорник. Тој веќе размислуваше за Отвореното општество. Тогаш неговото богстство премина 300 милиони долари, а сега има 28 милијарди долари. Тој реши од еден свој бизнис, неговите трансакции во кои беше генијален, профитот да го вложи во движења за развој на демократизацијата и „отворено општество“.

Сето ова тој го претстави брилијантно во неговата позната книга „Сорос против Сорос“. Станавме многу добри пријатели. Останав со него со семејството во Њујорк и Хамптон Лонг Ајленд, објаснува Лончар.