Од 1-ви октомври, во Турција стапи во сила законот за социјални мрежи, кој беше донесен во парламентот на крајот на јули. Намерата да се донесе законот беше очигледна – да се спречат платформите како Твитер, Фејсбук или Јутјуб, преку кои опозициските политичари ги мобилизираат своите приврзаници и го критикуваат режимот на Ердоган.

Според турската влада, главната цел е да се спречат повредите на личните права на социјалните мрежи и платформи.

Причината за оваа законодавна иницијатива беше инцидент од животот на претседателот: откако неговата ќерка Есра Ердоган и нејзиниот сопруг Берат Албајрак, кој е министер за финансии, на Твитер го објавија раѓањето на своето четврто дете, бројни корисници го навредуваа Ердоган.

Турскиот претседател беше лут и во излив на лутина најави ограничувања: „Дали разбирате сега зошто сме против Јутјуб, Твитер, Нетфликс и другите социјални медиуми? Затоа што сакаме да го запреме овој неморал. Затоа што сме потомци на нација со висок морал и високи вредности“, рече Ердоган, во обраќањето до граѓаните.

Кога им се заканува , новинарите треба да му веруваат на Таип Ердоган.

Имено, на крајот на 2019 година беше објавено дека повеќе од 150 новинари се во притвор или во затвори и дека од 2014 година, вкупно 53 новинари се осудени за „навреда на претседателот“, односно од годината кога Ердоган е назначен за претседател. Конечно, за време на владеењето на АКП, 8.000 од 24.000 новинари останаа без работа, а кога, поради опасноста од ширење на ковид-19, 90.000 затвореници беа ослободени од турските затвори во април, новинарите не беа меѓу амнестираните.

Уште во мај, властите во Анкара објавија „Водич за употреба на социјалните медиуми“, прирачник со 161 страници во кој се наведени мерките за да се обезбеди „правилна, здрава и безбедна употреба“ на социјалните медиуми. Авторот беше шеф на Кабинетот за комуникации на турскиот претседател Фахретин Алтун, кој препорача „процес на централизација“ за да се спречи ширењето на „манипулативни информации од креаторите на глобалното мислење“.

Во Турција, пристапот до повеќе од 400.000 веб-страници е веќе блокиран, а Твитер, Јутјуб и Википедија исто така се периодично цензурирани.