Американската софтверска компанија „Палантир“ е една од најмистериозните во светот. Постои 17 години, до неодамна не се ни знаеше каде е седиштето, а клиенти се ЦИА, ФБИ, НСА, полицијата, а американските медиуми тврдат дека тие имале значителен удел во апсењето на Осама Бин Ладен.

Оваа компанија излезе во јавноста по 17 години, па беа откриени некои од нејзините тајни.

Излегувањето на „Палантир“ на берзата е најголемата технолошка понуда на Волстрит од минатогодишното појавувањето на Убер и Слек, пишува АП.

Не само што е мистериозна, туку за многумина оваа софтверска компанија е озлогласена и е придружена со бројни контроверзи, особено затоа што се смета дека е основана со пари на ЦИА. Иако има многу респектабилни клиенти, таа никогаш не остварила профит за 17 години работа, покажаа документите објавени пред излегување на берзата, но и покрај тоа, само првиот ден на берзата, вредноста на нејзините акции скокна за 31 процент.

Според она што малку се знае за оваа компанија, таа наводно им помага на владите и тајните служби во лов на терористи и криминалци, па затоа нејзиниот деловен модел е тајност.

Откако излезе во јавноста, сега е познато дека нејзината вредност се проценува на 22 милијарди долари, има 125 клиенти, вклучувајќи ги ЦИА, ФБИ, НСА, американски маринци, полицијата на германската провинција Хесе. Седиштето е во Силиконската долина и има околу 2.400 вработени.

Според американските медиуми, „Палантир“ помогнал во откривањето на скривницата на Осама бин Ладен, но и на измамникот за инвестиции Берни Медоф.

Основачи на компанијата се Алекс Карп и Питер Тил, кои ќе земат милијарди за нивната компанија со излегување на берзата.

Тил е еден од најбогатите Германци, кој веќе заработи многу пари преку својата многу попозната компанија „Пеј Пал“.

Неговиот партнер има многу необичен животен пат. Иако е Американец, тој студирал на Универзитетот Гете во Франкфурт кај познатиот германски филозоф Јирген Хабермас.

Компанијата, според објавеното во американските медиуми, е формирана по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон во 2001 година. Потоа, Тил, наводно, решил да создаде компанија која ќе помогне со големи количини на податоци во лов на терористи, што исто така беше финансиски поддржано од одделот за инвестиции на ЦИА. Првиот ангажман на Палантир беше за време на војните во Авганистан и Ирак.

Освен во тајните служби, „Палантир“ работи и за други компании, како „Ербас“, „Фијат Крајслер“ БП.

„Палантир“ минатата година оствари промет од 742 милиони долари, а сега, според аналитичарите, тие сакаат да станат профитабилни соработувајќи со комерцијални компании.
Тајноста и сомнежите во финансиските извештаи не се единствените спорни за „Палантир“. Оваа компанија наводно била вмешана во големиот скандал на компанијата „Кембриџ аналитика“, која е обвинета за злоупотреба на податоци од Фејсбук.

Во Мексико, компанијата беше обвинета за загрозување на човековите и граѓанските права, затоа што и помага на американската имиграциска служба при апсења и надзор.