Десет дена по почетокот на конфликтот во Нагорно Карабах, ситуацијата не се смирува, иако претседателите на Русија, САД и Франција заеднички повикаа на прекин на огнот. Се стравува дека може да се случи и етничко чистење.

Срѓа Трифковиќ, уредник за надворешна политика на списанието „Хрониклс“, вели дека воопшто не е изненаден што во заедничкиот апел недостасувало името на турскиот претседател, бидејќи тој отворено рече дека го поддржува Азербејџан!

Тој предупредува дека ситуацијата од воена гледна точка е многу деликатна и проценува дека станува збор за типичен замрзнат конфликт во постсоветскиот простор. Иако Русите имаат гарнизон во Ерменија, тешко дека тие директно ќе ги ангажираат своите сили на страната на бунтовниците, како што ги сметаат Азерите, ерменски сепаратисти во Нагорно Карабах, кој не е дел од Ерменија.

Од повеќе причини, вели Трифковиќ, вклучително и економски и енергетски, Русија сака да одржува добри односи и со Азербејџан и со Турција, која инаку безрезервно го поддржува Баку.

Трифковиќ смета дека единствениот потенцијал за поголем конфликт на меѓународно ниво постои меѓу Турција и Русија и секако дека Американците би ги триеле рацете од задоволство, без оглед на резултатот од изборите во ноември.

Факт е дека постојаната бирократија на Стејт департментот и Пентагон со најголемо задоволство ќе го следи влошувањето на односите меѓу Москва и Анкара, бидејќи односите меѓу Вашингтон и Анкара не цветаат. Потенцијалот за поголем конфликт е помал отколку на други места, бидејќи руските опции за директна помош на Ерменците се ограничени од фактот дека има само воздушен мост како форма на комуникација, рече тој.

Трифковиќ не ја исклучува можноста дека овој конфликт би можел да дојде до крајната точка а тоа е етничко чистење на 150 илјади Ерменци од Нагорно Карабах.