Уште кога беше речено дека американскиот претседател Доналд Трамп има Ковид-19, неговиот личен лекар Шон Конли стана центар на вниманието на јавноста.

Конли од саботата наваму одржуваше секојдневни брифинзи за состојбата на претседателот. Но, што знаеме за лекарот од Белата куќа?

40-годишникот Конли е на таа позиција од март 2018. Како и повеќето медицински персонал во Белата куќа, Конли е воен офицер.

Потекнува од Дојластаун, Пенсилванија, а дипломирал на Универзитетот во Нотр Дам во 2002 година, по што ги продолжува студиите на Медицинскиот колеџ во Филаделфија.

По специјализацијата, служеше во медицинската единица на НАТО во Авганистан. Тој го доби романскиот амблем на честа за спасување на романски војник ранет од експлозивна направа.

Како офицер на американската морнарица, тој подоцна беше назначен во медицинската единица во Белата куќа.

Потоа тој стана личен лекар на Трамп кога претседателот го номинираше неговиот тогашен лекар Рони Џексон за шеф на Одделот за ветерани во САД.