Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија со свој прв коментар во пресрет на баражот в чретврток против Косово.

„Сите фудбалери се здрави и сите се ставаат во функција на репрезентацијата, така да тоа е нешто што ме радува. За жал, нема да го имаме Елиф Елмас, но оние што се тука се доволно квалитетни и кадарни да го надополнат неговото отсуство. Впрочем, јас и во минатото кога имавме безброј отсуства кажав дека тимот е тој што треба да го надополни секое отсуство, така и овој пат не се осмневам во тоа без разлика колку ќе ни недостасува. Еве еден мотив плус да одиграме и за него и да ни се придружи во финалето во ноември“, рече Ангеловски.

Македонија е прв пат во ситуација да игра бараж за пласман на едно големо натпреварување.

„Натпревар кој може многу да донесе, натпревар кој може да нè доближи уште повеќе до Европското првенство затоа што, знаеме нели, ова е полуфинале, после овој натпревар победникот оди во тоа финале. Јас се надевам дека тоа ќе биде репрезентацијата на Македонија. Историски, можеби затоа што Македонија 30 години чека да дојде до бараж, еве ние сме во таква ситуација. За мене би бил историски првиот настап на Македонија на Европско првенство“, изјавува селекторот.

„Рисовите“ за првпат во историјата ќе играат против Косово, нова репрезентација на европската фудбалска карта, без традиција, тотален анонимус. Оттаму доаѓаат информации за големи пороблеми во косовскиот состав, пред сѐ поради повреди. Но, Ангеловски вели дека го интересира само нашата репрезентација.

„Добро ме познавате и знаете дека сум максимално сконцентриран само на репрезентацијата на Македонија, да се подготвиме добро и да го одиграме овој натпревар во наше најдобро издание, што не се сомневам, така да без разлика што се случува во противничкиот табор ќе истрчаат 11 на 11 фудбалери, фудбалери кои ќе сакаат да донесат победа на  својата земја. Јас сум убеден дека нашите фудбалери ќе ја донесат таа толку очекувана победа со која ќе ја израдуваат и нацијата“.

Добри вести за селекторот пристигнаа синоќа кога во Скопје слета Горан Пандев.

„Тоа е, во ова денешно време и во ситуацијата во која се најде неговиот клуб, нешто на што мораше да биде подлегнат. Јас уште еднаш само би кажал дека неговото доаѓање тука покажува колку му значи овој натпревар. Знам добро што сѐ разговаравме изминативе четири години и колкава е неговата желба за Македонија да одигра на Европско првенство. Еве, ова беше доказ дека нема да постои бариера што ќе го спречи да дојде на тој натпревар. Им благодарам на сите што помогнаа, што асистираа, за тој да дојде, да биде тука со нас и сите добри знаеме од какво значење е неговото присуство во репрезентацијата на Македонија“. заврши селекторот.