Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник ја напушти воената болница Валтер Рид недалеку од Вашингтон, објави тој лично на Твитер.

Ќе ја напуштам Воената болница Валтер Рид денес во 18:30 часот ( по локално време ). Се чувствувам навистина добро. Не плашете се од ковидот. Не дозволувајте тоа да доминира во вашите животи. Под администрација на Трамп, развивме навистина добри лекови и знаење. Се чувствувам подобро отколку пред 20 години, напиша Трамп на Твитер.

Докторот на Трамп др. Шон Конли пред новинарите изјави дека клиничката слика на претседателот дозволува негово враќање во Белата куќа.

Иако тој можеби не ги надмина целосно сите тешкотии, тимот и јас се согласивме дека сите проценки и што е најважно, клиничката слика го поддржуваат враќањето на претседателот дома, каде што ќе биде опкружен со врвна медицинска нега 24 часа на ден, седум дена во неделата, рече тој.

Тој исто така вели дека во соработка со епидемиолозите, тие презеле некои мерки работата во Белата куќа да биде безбедна и за Трамп и за другите вработени.

Д-р Брајан Гарибалди, лекар, кој се грижи и за здравјето на претседателот, открива дека Трамп добил трета доза на ремдесивир и ја примил инфузијата без никакви проблеми. Бубрезите и црниот дроб на претседателот функционираат нормално, потврди д-р. Гарибалди.

Планираме да му ја дадеме четвртата доза на ремдесевир денес пред тој да се врати во Белата куќа, а тој треба да ја добие петтата и последна доза утре вечер во Белата куќа, откри лекарот.

Лекарите не сакаа да одговорат на прашањата кога Трамп последен пат бил негативен.

Иако се знаеше дека Трамп добива кислород, дури денес Д-р. Конли откри дека тоа се случило во два наврати.

Тој доби кислород и двапати и веднаш се опорави, рече Конли.

Дека Трамп беше многу подобар можеше да се претпостави во раните утрински часови кога објави 20-тина твитови, главно за претседателските избори во ноември.

Трамп беше сместен во воената болница Валтер Рид недалеку од Вашингтон во петокот.