Доналд Трамп продолжи да ја потценува болеста поради која заврши во болница на три дена и го спореди ковид-19 со сезонски грип. Тој вчера на драматичен начин се врати во Белата куќа, по што ја тргна маската додека го фотографираа, покажувајќи дека личното искуство со болеста не го променило неговиот ноншалантен однос кон неа.

„Многу луѓе, и покрај вакцината, умираат од грип секоја година, понекогаш над 100.000. Зарем ќе ја затвориме нашата земја? Не, научивме да живееме со него, исто како што научивме да живееме со ковид-19, кој е и помалку смртоносен“, напиша Трамп на Твитер.

Фејсбук отстрани сличен негов пост, означувајќи го како неточна информација.

Ковид-19 досега однесе повеќе од 210.000 животи во САД и експертите велат дека тој има поголема стапка на смртност од повеќето типови грип.

Иако сѐ уште заразен, Трамп најави дека наскоро планира да се врати во предизборната кампања и да се појави на следната дебата со Џо Бајден.