Околу 15.000 луѓе се собраа денеска на антифашистички митинг пред Апелациониот суд во Атина и околните улици пред изрекувањето на пресудата за лидерите на екстремно десничарската партија Златна зора. Судот ги прогласи за виновни за формирање криминална организација и со тоа заврши петгодишно судење.

Во исто време, дошло до конфликт меѓу полицијата и група демонстранти кои носеле качулки и кои фрлале молотови коктели, димни бомби и разни други предмети кон полициските сили, пренесува грчкиот портал „Катимерини“.

Полицијата одговори со фрлање солзавец и водени топови.

За време на изрекувањето на пресудата за седумте водачи на таа организација, собраните аплаудираа и извикуваа „Долу нацистите“.

Митингот започна во девет часот по локално време, а масата луѓе се протегаше од авенијата Кифисијас до улицата Ипократус.

Група демонстранти се собраа и пред грчкиот парламент, носејќи знамиња и транспаренти „Луѓето бараат нацистите да бидат во затвор“.

Со пресудата на Апелациониот суд, седум поранешни заменици, вклучувајќи го и лидерот на партијата Никос Михалолијакос, беа прогласени за виновни за основање на криминална организација и учество во криминална организација.