Енис Ќерка беше назначен за советник на косовскиот министер за правда, иако беше осомничен дека бил вмешан во шверц на 113 килограми дрога во декември 2018 година, на границата со Македонија.

Кабинетот на министерот за правда, Селим Селими, прифати дека „Енис Ќерка е назначен за надворешен советник на Министерството за правда“ и дека „одлуката е потпишана и отидена во администрацијата како и секоја друга“, пренесува „Коха диторе“. Министерството за правда изјави дека Ќерка е назначен за надворешен советник откако истрагата против него била прекината.

Ќерка и стана познат на јавноста кога беше уапсен на македонската граница, бидејќи во возилото што го управувал имало 113 килограми хероин. Медиумите тогаш објавија дека тој работел како возач во Бирото за осигурување на Косово, на чело со Гани Тачи, братот на косовскиот претседател Хашим Тачи.

Судот му одреди на Ќерка притвор во траење од еден месец, но тој и уште двајца осомничени – неговиот брат Селим Ќерка и Гент Сељачи, беа ослободени од притвор една недела подоцна, со наредба да се пријават во полициската станица. Енис и Сељим Ќерка и Гент Сељачи не се вклучени во обвинението против групата уапсени, фатени со 113 килограми дрога.

За овој случај беше поведена судска постапка во Основниот суд во Приштина, против осомничените Џемаил Шала, Садик Шала, Искендер Сале, Албан Гаши и Љабинот Зенељај.