Ако се разболите од ковид-19, не очекувајте ист третман како и американскиот претседател Доналд Трамп. Можеби изгледа нормално дека водачот на таквата нација ќе добие посебно внимание и најдобра можна грижа, но некои од третманите што ги добива не се достапни за пошироката јавност.

Пред да биде хоспитализиран во петокот, Трамп ја прими експерименталната терапија со антитела на Регенерон, која може да го намали нивото на коронавирус и покажа ветувачки резултати во испитувањата на 275 пациенти. Но, третманот не доби овластување за итна употреба од американската Администрација за храна и лекови. Биотехнолошката компанија „Регенерон“ соопшти дека го доставиле лекот откако добиле барање од лекарите на Трамп за „примена од сочувство”.

Добивањето пристап до непроверени лекови преку барања за “примена од сочувство” е долг и предизвикувачки процес за повеќето луѓе, според клиниката Мајо, повикувајќи се на низа услови што повеќето пациенти мора да ги исполнат. Но, Трамп примил терапија во петокот, само еден ден откако бил позитивен на ковид-19, според изјавите на секретарот за медиуми на Белата куќа и лекарот на Трамп.

“Секако, станува збор за претседател на Соединетите држави. Тој ќе добие сè што постои, без оглед дали има одобрување или не”, вели епидемиологот др. Сима Јасмин и продолжува: „Но, има скоро 210.000 Американци кои починаа во изминатите неколку месеци затоа што одговорот на пандемијата беше толку лош. И тие секако немаа пристап до ваков третман“.

Тоа не е единствената предност што ја имаше Трамп над стотици илјади други Американци хоспитализирани за коронавирус. Покрај експерименталната терапија со антитела, Трамп доби и Ремдесивир и дексаметазон.

„Претседателот може да биде единствениот пациент во светот што ја примил оваа комбинација на лекови“, вели др. Џонатан Рајнер, професор на универзитетот Џорџ Вашингтон.

Ремдесивир не добил одобрување од ФДА за употреба со ковида-19, но агенцијата одобри употреба во итни случаи. Клиничките испитувања покажаа дека во текот на пет дена употреба, Ремдесивир може да го забрза времето на опоравување кај некои пациенти, но антивирусниот агенс може исто така да предизвика несакани ефекти како што се анемија, токсичност на црниот дроб и бубрезите. Ремдесивир се дава интравенски, па пациентите обично се хоспитализираат пет дена.

Трамп исто така доби дексаметазон, ефтин и широко достапен кортикостероид кој може да го намали воспалението, но исто така го потиснува имунитетот, па затоа обично не се препорачува за пациенти со ковид-19, освен ако ситуацијата не е сериозна. Некои пациенти кои имале корист од дексаметазон, сепак починале во рок од еден месец.

Ние знаеме дека дексаметазонот го намалува ризикот од смртност. Тоа го покажуваат направените студии и податоците, но исто така знаеме дека пациентите во студијата кои примале дексаметазон и имале корист од тоа, сепак имале 23 отсто стапка на смртност во рок од 28 дена. Значи, скоро една четвртина од пациентите третирани со дексаметазон сепак починаа по еден месец. Единствениот заклучок што можеме да го извлечеме од оваа тројна терапија е дека лекарите на претседателот сметале дека тој е во голема опасност, изјави Рајнер за Си-Ен-Ен.

Инаку, Трамп беше „најтестираниот човек во Америка“, рече секретарот за медиуми на Белата куќа, Кејли Мекенани.

Тој беше тестиран повеќе од кој било, неколку пати на ден“, рече Мекенани во јули. Истиот ден, Трамп и се спротивстави на својот секретар за медиуми, велејќи: “Јас тестирам во просек на секои два до три дена. Не се сеќавам дека сум бил тестиран двапати на ден, но може да се случи”.