За една година, тројца сведоци на Специјалниот суд беа убиени на Косово. Ова го тврди извор во весникот „Бота Сот“, кој додава дека никој не го кренал гласот поради нивното убиство.

Изворот на овој весник вели дека сите тројца сведоци сведочеле во Специјалниот суд и дека „сигурно биле прислушувани или биле откриени нивните сведочења и затоа биле убиени“.

Истиот извор предупредува дека другите сведоци може да бидат изложени на ризик да бидат убиени.

„Тој ризик се зголеми откако беа објавени досиејата на ОВК“, рече тој.

Еден од тројцата убиени сведоци, наводно, бил инспектор на општина Приштина, Назми Рустеми, кој бил пронајден мртов кај езерото Бадовац. Овој 63-годишник бил заштитен сведок во Специјализираното обвинителство во Хаг. Тој, наводно, бил интервјуиран три месеци пред да биде пронајден мртов.

Според неговото семејство, Рустеми бил заложник на ОВК за време на војната.

За другите два случаи, изворот на овој весник не даде многу детали, само рече дека еден од нив бил пронајден убиен на планините околу Дреница, откако тој дошол на Косово од дијаспората.