Вакцината за „ковид-19“ може да биде готова до крајот на годината, изјави директорот на Светската здравствена организација, без да наведе детали.

Директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус повика на солидарност и политичка акција од сите водачи за да се обезбеди еднаква дистрибуција на вакцината кога ќе биде готова.

Ќе ни треба вакцината и постои можност да ја имаме до крајот на годината. Се надеваме дека е така, рече Тедрос во заклучокот од состанокот на извршниот комитет на СЗО посветен на глобалниот одговор на пандемијата.

Девет експериментални вакцини се дел од иницијативата на СЗО „Ковакс“, која планира да дистрибуира 2 милијарди дози до крајот на 2021 година.

Досега, 168 земји се приклучија на иницијативата, но Кина, САД и Русија не се меѓу нив. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е склона кон билатерални договори за набавка на вакцини од производители.

Потребни сме едни на други, потребна ни е солидарност и мора да се бориме против вирусот со сите сили, рече Тедрос.