Имунитетот кај луѓето кои се заразиле со корона вирус трае подолго отколку што се мислеше, можеби дури и цел живот, додека обичната сезонска настинка може да не заштити од инфекцијата, се новите откритија на научниците.

Истражувањето, спроведено од научници од Универзитетот во Рочестер во американската држава Њујорк, е прво што докажува дека инфекцијата со вирусот САРС-КоВ-2 ги стимулира таканаречените мемориски Б клетки, долготрајни клетки на имунолошкиот систем кои откриваат патогени, создаваат антитела и ги паметат во иднина. Следниот пат кога патогенот ќе влезе во човечкото тело, тие Б-клетки преземаат активности за да го уништат дури и пред да се појави инфекцијата.

Мемориските Б клетки можат да преживеат во човечкото тело со децении, можат да ги заштитат долго време оние кои прележале корона, па дури и доживотно, а истражувањето по ова прашање ќе продолжи.

Ова истражување е исто така првото што ја докажа таканаречената вкрстена реакција на Б-клетките. Оваа реакција значи дека Б-клетките кои некогаш се бореле против вирус од семејството корона, исто така, можат да дејствуваат против други, како што е САРС-КоВ-2, и луѓето со такви Б-клетки ќе имаат одреден вид имунитет.

Кога проучувавме примероци од крв кај луѓе кои се опоравуваа од ковид, се чинеше дека многу од нив имаат Б-клетки кои можат да препознаат САРС-КоВ-2 и брзо да произведат антитела за да го нападнат, вели професорот Марк Сангстер, еден од авторите на истражувањето.

Студијата испита примероци на крв од 26 лица заразени со вирусот корона, кои имале лесни или умерени симптоми и 21 здраво лице, чии примероци биле земени пред шест до десет години.

Од овие примероци, научниците го измерија нивото на Б клетки и антитела кои напаѓаа одредени делови од протеинот на вирусот САРС-КоВ-2, кој постои кај сите корона вируси и служи за врзување со рецепторите во човечкото тело.

Протеинскиот штит се разликува кај различни корона вируси, но еден дел од него, т.н. С2 под-единица, е скоро идентичен кај сите вируси од ова семејство. Мемориските ќелии ја паметат оваа подединица од сите вируси и благодарение на тоа, тие ги препознаваат сите корона вируси како опасни, без разлика дали се тоа бета-коронавируси, кои предизвикуваат настинки, или САРС-КоВ-2, МЕРС и САРС, па затоа произведуваат антитела кои ги напаѓаат.

Она што не е истражено во оваа студија е кој степен на заштита обезбедува вкрстена реакција на Б-клетките и каков е резултатот кај пациентите.

Авторите на студијата велат дека ова е нивна следна задача, да проучат дали вкрстената реакција на Б-клетките доведува до поблаги форми на ковид и дали тие можат да бидат корисни во развојот на можна вакцина.