Калифорнија им наложи на своите жители да носат заштитни маски поради пандемијата на коронавирус во рестораните дури и додека јадат. Според упатствата добиени од канцеларијата на гувернерот, маската треба да се отстрани само за да се стави храна во устата, а додека се џвака или меѓу два залака, таа мора да биде на лицето.

Според Њујорк Тајмс, оваа препорака е во директна спротивност со препораките на Светската здравствена организација, според кои маската треба да се допира што е можно поретко.

Мерката беше објавена на официјалниот Твитер од канцеларијата на гувернерот на Калифорнија, Гавин Невсом. Но, постојат контрадикторности и во оваа инструкција, бидејќи исто така се наведува дека маската треба да се допира што е можно поретко, додека на следната илустрација може да видите гостин во ресторан како носи маска додека го проучува менито.

Не требаше долго за објавата да предизвика потсмев кај корисниците на социјалните мрежи.

Сега е официјално, живеам во најглупавата земја, напиша еден.

Како и повеќето држави во САД, Калифорнија бара јавно носење маски. Многу градови и населени места ги ограничија рестораните на служење гости на тераси или ги лимитираа на 25 проценти од затворениот простор. Досега се регистрирани повеќе од 840 илјади случаи на инфекција во Калифорнија, со над 16 илјади мртви.

Њујорк Тајмс потсетува дека експертите имаат спротивставени мислења за тоа дали треба да се носат маски во рестораните. Дискусијата ја водеше водечкиот американски епидемиолог, др. Ентони Фаучи кој во едно интервју откри дека ја носи маската околу вратот додека јаде и пие, но ја става на лицето кога го чека келнерот или на други паузи за време на ручекот.