По пауза од неколку месеци, по завршувањето на изборите, на Јутјуб каналот Fenix A1 повторно се појавија снимки од разговори од функционери на поранешната власт на ВМРО ДПМНЕ.

Овие нови бомби се означени како Вистината за А1, што треба да асоцира на бомбите од 2015 година кои беа дефинирани како проект: Вистината за Македонија.

Во една од бомбите наводно разговараат новинарот Драган Павловиќ Латас, тогаш одговорен уредник на конкурентската Сител Телевизија и тогашниот директор на Управата за јавни приходи Горан Трајковски.

Инаку Горан Теајковски беше последен директор на Еуростандард банката пред банката да оди во стечај.

Во тој објавен разговор, наводно, во еден момент Латас го советува Трајковски што да прави со А1 Телевизија и со новинарите од таа Телевизија:

“Мислам дека треба да има стечај и по закон да им се одземе опремата а на сите други да им се каже дека се навработени и од сабајле да ве нема повеќе тука”, се слуша од гласот кој наликува на Драган Павловиќ Латас.

Во втората бомба, според објавувачот, наводно се слушаат гласовите на тогашниот премиер Никола Груевски, тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот јавен обвинител Љупчо Шврговски. Еве дел од транскриптот од тој разговор:

Груевски: Горде, да прашам, вака твое мислење, со Љубчо Шврговски сме заедно. Нешто си правиме муабет вака за ова со Пајажина. Зошто не се одеше со собирање на парите од сметка што ги должи он?

Јанкулоска: Ама они, ни сега не им се земени парите, они само ги блокираа пошто не може одма да ги земат.

Груевски: Епа он прашува зошто ги блокираа а не одма да им ги повлечат парите со извршно решение?

Јанкулоска: Па немаше извршно, може само со даночно.

Груевски: Еве ќе ти го дадам.

Шврговски: Ало Горде здраво. Види знаеш што ми е, мислам сега веќе е касно, но мислам дека направивме една грешка во чекори. Ние мислам дека лошо направивме што ги блокиравме тие пари, сега мене не ме прашаа за совет. Ние имавме од Управа решение со кое што он беше задолжен да ги плати тие пари, 7 милиони, колку има таму, евра ли, според УЈП.

Јанкулоска: Да, да, да

Шврговски: Епа, зошто не го активиравме ние тоа решение, фирмата не ќе можеше во рок од 45 дена да плати и во стечај ќе ја фрлевме.

Останува енегма кој е поводот за објавување на овие бомби во овој период, а уште поголема енигма е зошто се објавуваат бомби за затворањето на А1 Телевизија.

Можеби одговорот треба да се бара во препораката од Брисел пред некој ден дека секој направен криминал треба да биде санкциониран!?