Се забрануваат семејни собири, слави и прослави во домови, а маска задолжително треба да се носи секаде, предлага Комисијата за заразни болести како нови мерки за заштита од ширење од коронавирусот.

Овие предлози на Комисијата ќе треба да бидат усвоени од македонската влада.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференцијата, рече дека исклучок од оваа мерка, за носење маски, ќе има при спортување на отворено во приватно возило ако сите патници се од исто семејство, во угостителските објекти, како и кај децата до 6 години.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека нема места за прием на нови пациенти со ковид-19 на инфективните одделенија во Прилеп, Струмица, Велес и во Куманово, а во Скопје пациентите прво ќе се носат на Инфективната клиника и во монтажната болница.

Според Филипче, во сите инфективни одделенија во државата сега се хоспитилизирани се 414 лица, позитивни на ковид-19 и ова е најголема бројка на хоспитализани од крајот на јули.

Како што рече Филипче, не се исклучуваат нови препораки, можен полициски час или ограничување на работното време на угостителските објекти, доколку се појави таква потреба во наредниот период. Според него, тоа не мора да биде на целата територија на државата, туку може да се направи и на локално ниво.

Инаку, денешните 364 случаи на ковид-19 за само 24 часа се апсолутен рекорд од почетокот на епидемијата со коронавирусот во Македонија.

Во последните 24 часа се направени 2140 тестирања, а регистрирани се 364 нови случаи на ковид-19. Најмногу новозаразени има во Скопје или 184 лица.

Во моментов во Скопје има вкупно 1 315 активни случаи. Во општина Центар има 241 случај, во Аеродром 240 и во општина Карпош 214.

Во последните 24 часа починаа три лица, а оздравени се 106 пациенти. Односно на еден оздравен доаѓаат три новозаразени пациенти.