Косовскиот претседател Хашим Тачи отпатува за Вашингтон, три месеци откако Специјалниот суд за злосторства на ОВК објави дека против него е поднесенo обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Тачи отпатува за Вашингтон од Брисел, каде што, по разговорите со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, рече дека „дијалогот нема алтернатива“.

Советниците на претседателот на Косово потврдија дека Тачи патувал за Вашингтон, но тие не сакаа да ја објаснат причината за посетата.

Претседателот на Косово не присуствуваше на потпишувањето на договорот во Вашингтон, бидејќи Приштина ја претставуваше премиерот Авдулах Хоти.

Отсуството на Тачи на тој собир никогаш не беше целосно разјаснето, но западните дипломати оценија дека можноста за поднесување обвинение пред Специјалниот суд е главната причина за претпазливоста на претставниците на Белата куќа.