Стојанчо е момчето кој сам се нарекува сонувач. Тоа е поврзано и со насловот на неговата прва авторска песна “Eternal Dreamers” или “Вечни Сонувачи”. Го прашавме Стојанчо зошто не пишува песни на македонски? А тој одговари – Затоа што мене ми е многу полесно да пишувам песни на англиски. Англискиот е толку убав и богат со зборови. За секоја идеја многу полесно можам да најдам збор, да го вметнам во песната и да прозвучи пропратно со приказната која сакам да ја раскажам преку песната што ја пишувам.”

Инаку Стојанчо е студент на Филолошкиот Факултет на катедрата за Англиски јазик и книжевност. „Јас го обожавам македонскиот јазик. Доколку не студирав Англиски јазик, дефинитивно би студирал Македонски јазик.“

Вели дека студиите многу му помогнале при процесот на пишување песни, но и дека тоа не било пресудно. Вели дека мора да имаш јасна слика што е тоа што сакаш да им го пренесеш на луѓето преку текст, мелодија или визуалиција. Стојанчо пред две години и половина беше дел од Бугарскиот Х Фактор каде што стигна до финалето. Уште од првата аудиција тој го привлече вниманието на жирито и продуценитите на шоуто. После тоа, тој постојано пишува песни за себе и за други артисти.

„Мене само ми требаат неколку акорди и доколку се поврзам со нив, за половина час веќе ја имам целосната мелодија. Текстот е полесниот дел од целиот процес бидејќи при креирањето на мелодијата веќе ги имам поставено зборовите од коишто подоцна ќе се изгради целиот текст. И ете, за 3-4 часа ја имам песната. Нема формула, нема тактика, само емоција и инспирација. Така беше и со процесот на создавањето на “Eternal Dreamers”. Мелодијата веќе ја имав но не знаев во која насока да тргнам. Во 2 часот наутро, си ги ставив слушалките и тргнав да пешачам. Немаше апсолутно никој по улиците. Тишина и темнина. Пешачев скоро 2 часа слушајќи ја идејата. Пишував забелешки во телефонот, сѐ што ми доаѓаше на памет, дури и да не одговараше на самата мелодија. Се вратив дома, средив се што имав и го имав финалниот текст.

Видеото e со концепција на Стојанчо и Димитар Новаков кој е и воглавно режисерот на видеото. „Заедно со Стојанчо, успеавме секој стих да го визуализираме и мислам дека успеавме. Исклучително сум горд на овој проект. Сметам дека е одличен, уникатен и интересен за гледање. Морам да признаам, “Еternal Dreamers” е мојот најдобар проект до сега“, вели Димитар.

Кога ја ислушавме песната и го изгледавме видеото се запрашавме – Дали Стојанчо ќе биде момчето од Македонија кој може да застане рамо до рамо до светските поп артисти, со оглед на неговите гласовни способности, талентот за пишување музика и уникатната артистичност која ја носи во себе? Можеби тоа се најважните фактори за еден артист да биде забележан во модерната поп музика – а тој тоа го поседува. И многу повеќе… Останува да видиме. Ние му посаквуваме се најдобро!