Силите на Азербејџан и етничките Ерменци од Нагорно Карабах повторно се судрија, но најавите за разговори во Москва даваат надеж дека најкрвавите судири во Јужен Кавказ во последните 25 години може да завршат.

Министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан се очекува денес попладне да разговараат во Москва, еден ден откако Соединетите држави, Франција и Русија заедно започнаа мировна иницијатива на состанокот во Женева.

„Наскоро може да се постигне примирје, иако ситуацијата останува кревка“, соопшти кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон по разговорите со двајцата лидери. Ерменската влада соопшти дека фокусот на денешните преговори ќе биде исклучиво на прекин на воените дејствија и хуманитарни прашања, како што е размената на телата на загинатите и воените затвореници.

Доколку се сретнат министрите за надворешни работи на завојуваните страни, тоа ќе биде првиот директен контакт меѓу Ерменија и Азербејџан по избувнувањето на нови конфликти на 27 септември.

Оттогаш, повеќе од 400 лица се убиени во борбите во Нагорно-Карабах, планинска енклава што официјално е дел од Азербејџан, но ја водат етнички Ерменци.

Азербејџанскиот министер за надворешни работи Cејхун Бајрамов се согласи да разговара во Женевс со копретседавачите на Групата на ОБСЕ во Минск (Русија, Франција и САД) и да ги запознае со позицијата на Азербејџан за смирување на конфликтот.

Ерменскиот министер за надворешни работи Зохраб Мнацаканијан не беше присутен на состанокот во Женева, но се очекува во понеделник да се состане со претставници на трите земји во Москва.

Вашингтон, Париз и Москва, во својство на копретседавачи на Групата на ОБСЕ во Минск, скоро три децении посредуваат во решавање на прашањето со Нагорно Карабах.

Примирјето воспоставено по војната 1990-1994, во кое загинаа 30.000 луѓе, постојано беше прекршувано и конфликтите избувнуваа одново и одново.