На фудбалерите, селекторот, стручниот штаб, ФФМ… им беше тешко, но нему му беше уште потешко. Еден од најдобрите, новата фудбалска ѕвезда, македонскиот фудбалски дијамант, нема да може да игра – беше грозната вест која пристигна од Неапол кога се дозна дека Елиф Елмас е позитивен на коронавирусот и неговиот настап со Косово со сигурност не е можен. Тешкотија за селекторот и стручниот штаб, проблем за екипата во која еден од главните „замаеци“ ќе недостасува, најтешко – нему, на младиот фудбалски „драгуљ“, Елмас! И заради здравствената состојба, но многу повеќе заради сознанието дека нема да биде во Скопје таа вечер на теренот, заедно со екипата, со своите другари, да помогне, да придонесе, можеби да го реши мечот со асистенција или погодок!

Младиот фудбалер, ја вклучи камерата на мобилниот од карантинот, па на работ на солзи што не може да игра, собра сили и одржа мотивирачки говор, порака на поддршка за своите другари од репрезентација, за сите навивачи, за сите Македонци, за нацијата… Лекција за тоа, како се сака Македониј, со која Елиф Елмас потврди дека „дијамантот блеска“ и кога не може да игра!