Еден од лековите што ги зема Доналд Трамп за време на третманот со коронавирус е развиен со употреба на човечки клетки добиени од абортиран фетус, пишува Гардијан.

Лекот е коктел од моноклонални антитела развиен од Регенерон, Трамп добил инфузија од 8 грама, а самиот лек не бил одобрен.

Матичните клетки што се користат за развој на лекот се познати како клетки ХЕК-293Т а изворно се естрахирани од бубрег на ембрион по абортусот извршен во Холандија во 70-тите години.

Трамп постојано се обидуваше да го ограничи пристапот до абортус и еден од неговите последни обиди е да ја номинира конзервативната католичка судијка Ејми Кони Барет за член на Врховниот суд.

Републиканската партија на Трамп експлицитно се спротивставува на истражување на ембрионални матични клетки и повикува на забрана за федерално финансирање на истражувањето.

Трамп веќе ги ограничи ваквите истражувања во 2019 година кога неговата администрација паузираше со финансирање на научници кои работат на студии од тој тип.

“Запревме со федералното финансирање за истражување на ткивото на фетусот. Заземаме став пред лобистите за абортус како никогаш порано”, рече Трамп на почетокот на оваа година.

Портпаролот на Регенерон, Александра Боуви, рече дека компанијата не ги смета како спорни ткиво на клетките ХЕК-293Т.

„Клетките слободно се делат во лабораторијата и овие кои сега ни се достапни ние не ги сметаме како фетално ткиво, а и инаку ние не користевме фетално ткиво“, вели Боуви.

Развојот на коктелот со 450 милиони долари беше поддржан од Барда, институција во рамките на министерство за здравство, задолжена за истражување и развој во биомедицината. Не е достапен за јавноста и досега е тестиран само на 275 лица.

Да потсетиме, администрацијата на Трамп систематски работеше на ограничување на пристапот до абортус во САД.