Американската амбасада во Приштина остро реагираше на процесот на избор на нови членови на косовскиот обвинителен совет и главните обвинители и рече дека, „поради нетранспарентен и функционално нарушен“ процес, „ќе престане да го следи“.

Според приштинската Газета Експрес, американската амбасада остро реагирала, велејќи дека изборниот процес е функционално нарушен, затоа што нема транспарентност и има судир на интереси.

Затоа, американската амбасада најавува „дека нема да продолжат да го следат таквиот процес“.

„Бидејќи понатамошното учество на амбасадата може погрешно да се протолкува како одобрување на овој функционално нарушен систем, ние нема да учествуваме. „Обвинителите треба да бидат избрани врз основа на квалификации, а не врз основа на припадност и политичка поврзаност“, се вели во соопштението.

Нагласено е дека промените во законската рамка врз која се базира Обвинителскиот совет се неопходни со цел да се воспостави транспарентност и правда во системот, пренесува Косово онлајн.

„Ги повикуваме сите страни да ги поддржат напорите на Министерството за правда веднаш да го заврши функционалниот преглед“, се додава во соопштението.

Премиерот на привремените институции на Приштина, Авдулах Хоти, ја изрази својата загриженост откако американската амбасада објави дека ќе се повлече од постапката за избор на членови на обвинителскиот совет на Косово и главни обвинители.

„Длабоко сум загрижен за одлуката на американската амбасада да се повлече од набудување на процесот за избор на главни обвинители и членови на обвинителскиот совет на Косово. Нивната грижа треба да се сфати сериозно “, објави Хоти на Фејсбук.

Тој посочи дека само транспарентен процес, без никаков судир на интереси или политичко влијание, обезбедува избор кој се заснова на заслуги.

Хоти истакна дека владата, преку Министерството за правда, „работи на реформа на судството, вклучително и проверка на кандидатите“.