Бугарската парламентарна партија ВМРО БНД уште еднаш ја осуди резолуцијата на Европскиот парламент во која се критикува владеењето на правото во земјата, која според мислењето на бугарската владејачка елита, зборува за Истанбулската конвенција и признавање на македонското малцинство наместо за проблемите со корупцијата.

Според европратеник на ВМРО БНД, Ангел Џамбаски , таквата негативна резолуција што ја допира темата на Скопје ќе се обидат да ја искористат во политичките кругови блиски до Србија, Македонија и Русија.

„Но, ќе ги видите силите поврзани со Белград и еден друг главен град малку подалеку од север, каде што беше измислен македонизмот како политички напад против Бугарија (се мисли на Москва, каде според Џамбаски, антибугарските идеи на Коминтерната се појавија во 30-тите години на минатиот век ) Тие ќе ги користат одредбите од резолуцијата против нас. „Можете да видите дека паралелно со дискусиите во Европскиот парламент, се разговара за тоа како Бугарија треба да го реши прашањето за злоупотреба на бугарската историја во Македонија“, рече политичарот, пренесува БТВ.

Токму во таквите намери на соседите лежи главната опасност од европската резолуција, а не во другите апели, смета Џамбаски.

„Јас дури можам да ги игнорирам барањата на Истанбулската конвенција и слични глупости, бидејќи тие се едноставно неубедливи“, додаде тој.

Европратениците оваа недела ја поддржаа резолуцијата за Бугарија со која се сврте внимание на потребата да се стави крај на дезинформациите во врска со Истанбулската конвенција и говорот на омраза кон Ромите, ЛГБТ популацијата и жените. На ова претходеше извештај на Европската комисија, во кој Бугарија беше критикувана за недостаток на резултати во борбата против корупцијата.