Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, му порача на премиерот на Ерменија, Никола Пашињан, да му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин за спасувањето на неговата земја.

Кога Пашињан ни даде ултиматум, кога ги навреди чувствата на Азербејџанците, требаше да биде казнет за тоа. Ние го направивме тоа. И нека му се заблагодари само на Путин што Русија уште еднаш ја спаси Ерменија, рече Алиев во интервју за РБК.

Тој истакна дека Азербејџан повеќепати и се обраќал на Москва со барање да влијае врз Ерменија, која е „100 проценти“ зависна од Русија.

Русија, како наш сосед и земја која има заедничка историја и со Азербејџан и со Ерменија, се разбира, игра посебна улога. Таа се заснова на историјата и соработката на нашите народи, како и на тежината и улогата на Русија во светот и, се разбира, во нашиот регион, потенцираше Алиев.

Ерменската страна го обвинува Израел за помагање на геноцидот врз Ерменците.

Израелските власти, кои му доставуваат офанзивно оружје на Азербејџан, се одговорни за геноцидот во Карабах, изјави претседателот на непризнатата република Нагорно-Карабах, Араик Арутјуњан.

За време на априлската војна, односно ескалацијата на конфликтот во 2016 година, израелските власти не само што знаеа дека оружјето доставено до Азербејџан се користи за офанзивни цели наместо за одбрана, туку беше користено и од специјалисти кои дојдоа од Израел, рече тој додавајќи дека израелското раководство знаело за што се користат беспилотни летала во Азербејџан.

Секако дека тие знаат и продолжуваат да доставуваат оружје. Израелските власти, кои и самите преживеаа геноцид, се одговорни за тој геноцид, рече Арутјуњан, коментирајќи ги тврдењата на израелското раководство дека не знае дека беспилотните летала се користат во Азербејџан за офанзивни цели и напади врз цивилното население.

Според него, однесувањето на израелското раководство докажува дека „човечките и божествените вредности се газат во светот поради парите“.

Не само властите на Израел, туку и властите на другите земји знаат сè и продолжуваат да го снабдуваат Азербејџан со оружје. рече тој.

Во таа насока, портпаролот на Министерството за одбрана на Ерменија, Арцрун Ованисјан, изјави дека од Турција и Израел се испорачуваат ударни беспилотни летала под изговор на хуманитарен товар.