Турскиот истражувачки брод Орук Реис ќе се врати во Источен Медитеран „од 12 до 20 октомври“, каде што беше во периодот од август до септември, а тоа присуство предизвика значителни тензии со Грција, соопшти во неделата турската морнарица.

Орук Реис ќе ги извршува своите задачи во регионот, вклучително и јужно од грчкиот остров Кастелориза, се вели во пораката испратена преку системот за поморско предупредување NAVTEX.

Односите меѓу Атина и Анкара се радикализираа откако Турција го испрати овој брод, придружуван од воени бродови, од 10 август до средината на септември да спроведе истражување во близина на овој грчки остров, на 2 километри од турската граница, во област за која се верува дека е богата со природен гас.

Членките на НАТО, и соседните држави Грција и Турција веќе со месеци се расправаат околу поморските граници и полињата со природен гас. И двете држави тврдат дека имаат право да го истражуваат и дупчат истиот дел на Медитеранот.

Тензиите дополнително се зголемија во јули, бидејќи Турција го испрати својот истражувачки брод во спорните води. После тоа, грчките сојузници од Европската унија ги испратија своите пловни објекти во областа, а Анкара и Атина спроведоа воени маневри со фрегати и борбени авиони.