Владата денеска треба да одржи онлајн-седница на која се очекува да ги усвои новите мерки предложени од Комисијата за заразни болести за да се спречи ширење на заразата поради големиот број инфицирани од коронавирусот.

Предложено е да се забрани групирање во домовите на семејни прослави, со тоа што во едно живеалиште ќе може да се примаат до четири лица. Нема да биде дозволено групирање на повеќе од четворица на јавни простори по 22 часот, а заштитна маска или прекривка на носот и устата, покрај во затворени простори, јавен објект, работно место, превозно средство, ќе треба задолжително да се носи и при престој на отворено.

Исклучок од носење заштитни маски е предложено за деца до шест години, за лица што спортуваат, при транспорт на членови од едно семејство во приватно возило, при седење во уготителските објекти со почитување на протоколите и во службени простории ако е лицето само во просторијата.

Министерот за здравство Венко Филипче ги соопшти предлог-мерките во четвртокот откако претходниот ден, 7 октомври, во земјава имаше 317 заразени во 24 часа, првпат над триста од почетокот на епидемијата. Рече дека според анализите, сериозен процент од новозаразените се токму од прослави и забави во кафулиња и барови каде што е најголема трансмисијата на вирусот.

На прашањето како ќе се контролира одењето на гости, Филипче одговори дека очекува граѓаните да бидат свесни за ризикот од групирање во затворени простори.

– Технички и формално, по пријава може секогаш да интервенира и полицијата, инспекторатите, но е многу битно граѓаните да се свесни во периодот кој е пред нас и да избегнуваат големи семејни настани. Доаѓа период на слави кои се огромен ризик. Верувам дека граѓаните ќе бидат свесни, рече Филипче на прес-конференцијата.