Азербејџанските воени сили удрија и по верските објекти во војната со Ерменија за проблематичниот регион Нагорно-Карабах.

Ерменците објавија слики и видеа од гранатираната катедрала од 19. век во градот Шуша кој де факто се наоѓа во самопрогласената Република Арцах, но де јуре е во Азербејџан.

Катедралата Светиот Спасител, меѓу локалните жители позната како Газанчецоц, е изградена во 1887 година врз базилика од раниот 18. век и осветена на 20 септември 1888 година. Ја граделе 19 години.

Арајик Харутјунјан, претседателот на Арцах, нападот врз катедралата го нарече „акт на вандализам кој им противи на законите на човештвото и Бог“, додека азербејџанското Министерство за одбрана негираше дека стои зад нападот.