Северна Кореја е една од ретките земји што досега нема пријавено ниту еден случај на инфекција со коронавирус на нејзината територија. Сомнежите за вистинитоста на оваа информација дополнително ги разгореа најновите фотографии од таа земја, на кои илјадници граѓани се под заштитни маски, еден ден откако не беа почитувани епидемиолошките мерки на воената парада.

Две сосема различни слики беа испратени во рок од 24 часа од Северна Кореја.

Во неделата, за време на големата воена парада по повод 75-годишнината од владејачката Работничка партија, ниту учесниците, ниту самиот севернокорејски лидер Ким Јонг Ун, не носеа заштитни маски, ниту пак одржуваа физичка дистанца.

Само еден ден подоцна, илјадници војници и граѓани се собраа на централниот плоштад во Пјонгјанг да ја изразат својата поддршка за владата, сите носејќи заштитни маски.

Собирот се одржа во пресрет на конгресот на владејачката партија во јануари и беше порачано „Ние одиме по стапките на нашиот драг лидер, другарот Ким Јонг Ун“.

Северна Кореја ги затвори своите граници и воведе карантин во јануари, а Ким секогаш инсистираше на тоа дека немало случај на вирус корона во земјата. Многу експерти се сомневаат дека никој не се заразил откако вирусот се појавил во соседна Кина, а потоа се проширил низ целиот свет, а сега е отворено прашањето – зошто граѓаните носат заштитни маски ако тврдењата на Ким се точни и никој не е заразен!?