Кипар ја укинува програмата за издавање државјанство со кое им се гарантира влез во ЕУ без визи на сите кои ќе инвестираат најмалку два милиони евра во таа земја. Меѓу оние кои се здобиле со т.н. златни пасоши беа голем број руски олигарси поврзани со политички структури и мафијашки кругови, објави Би-Би-Си во вторникот.

На тој начин, Кипар заработи 4,8 милијарди евра до крајот на 2018 година, а од 2008 година, такви државјанства им беа продадени на 1.685 „странски инвеститори“ и 1.651 членови на нивните семејства.

Одлуката стапува на сила следниот месец, а тоа беше објавено откако Ал Џезира ги снимаше кипарските официјални лица како ја користат програмата за да му помогнат на измислен кинески бизнисмен со криминално досие да добие „златен пасош“.

Еден од тие функционери е претседателот на кипарскиот парламент, Деметрис Силурис, кој објави дека ја напушта функцијата на 19 октомври додека не заврши истрагата.

Неговата оставка следеше откако владата на вонредна седница во вторникот објави дека го потврдува предлогот за укинување на „програмата за државјанство за инвестиции“.

Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес рече дека предлогот е даден како одговор на „слабостите“ во програмата што можат да се злоупотребат.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предупредува дека „златните пасоши“ се сериозна закана за меѓународната борба против затајување данок, прикривање на имот, перење пари, финансиска измама и избегнување на санкции наметнати врз одделни земји. Најмалку три милијарди евра се потрошени за купување на „резервна татковина“, според ОЕЦД, бидејќи секој олигарх и мултимилионер од 21 век има најмалку уште два, три, а можеби и повеќе пасоши.

Од 2014 година до крајот на 2018 година, Кипар им подели „златни пасоши“ на стотици припадници на руската и украинската елита, тајкуните од Кина, Иран, Саудиска Арабија, па дури и од Србија, кои на тој начин станаа државјани на Европската унија.

Меѓу нив, на пример, се наоѓа алуминиумскиот крал Олег Дерипаска и неговиот сонародник Александар Пономаренко, индустријалец со капитал вреден три милијарди долари и познат по тоа што како голем руски патриот на Владимир Путин му изгради палата за приватна употреба во вредност од 350 милиони евра.