Косовскиот претседател Хашим Тачи го повтори ставот на Приштина дека идеата за „Заедница на српски општини“, која, според него, Србија се обидува да ја врати на преговарачката маса, не е техничко прашање и дека нема да има измени во уставот за тоа прашање.

Хашим Тачи, кој пред два дена се состана со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, повтори дека Уставниот суд на Косово дал свое мислење и дека нема да преземе понатамошни чекори по прашањето на „Заедницата на српски општини“.

Заедницата воопшто не е техничко прашање, имаме и мислење од Уставниот суд и имаме обврска тоа мислење да го спроведеме, вели тој.

Косово нема обврска да презема понатамошни чекори, а секој нов потег надвор од таа рамка значи Република Српска, а тоа е процес на напад врз државата Косово одвнатре, особено кога Србија не е подготвена да го признае Косово, со оваа заедница, рече Тачи.