Генералниот директор на Рускиот совет за надворешни работи, Андреј Кортунов, тинк-тенк поврзан со руското Министерство за надворешни работи, неодамна изјави дека односот помеѓу Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин е „минско поле“, истакнувајќи дека првиот човек на Турција ја преминал границата и е „блиску да нагази на мина“ поради мешањето во Нагорно Карабах.

Нагорно-Карабах е од големо значење за Русија. Двете земји испратија воени советници, платеници и војници во Сирија и Либија, но слични активности на Турција во регионот, кој е близу до Русија, може да доведат до ненамерна ескалација и трајно нарушување на партнерството меѓу двете земји.

Ерменија, Русија, Франција и Иран ја обвинија Турција дека испраќа борци од Сирија во Азербејџан. Руското Министерство за надворешни работи минатата недела соопшти дека е „многу загрижено“ за ангажманот на сириски и либиски платеници во регионот Нагорно Карабах.

Според Опсерваторијата за човекови права, 900 платеници од Сирија наводно пристигнале во Азербејџан, а тие биле ангажирани од приватна турска компанија која се занимава со безбедност.

Припадници на Сириската национална армија, милитантна група поддржана од Турција, за „Форин полиси“ изјавија дека пристигнале таму дури и пред да започнат судирите, што на некој начин може да имплицира дека сè било однапред испланирано. И Турција и Азербејџан ги негираа обвинувањата, рече политичкиот аналитичар Керим Хас.

Овој аналитичар смета дека Турција ангажирала платеници за да може да има влијание на повеќе борбени фронтови.

На Путин му недостасува малку јавно да објави дека џихадистите се испратени во Нагорно Карабах со посредство на Турција – вели Хас.