Единствената разумна причина зошто бугарскиот премиер Бојко Борисов започна да зборува за изградба на седмиот блок на нуклеарната централа Козлодуј е стравот за неговата политичка иднина! А преголемото воодушевување за „Балканскиот поток“ и нуклеарната централа „Белене“ може скапо да го чини и да ја изгуби западната поддршка, пишува бугарскиот весник „Капитал“.

Авторите на написот сметаат дека бугарската министерка за енергетика Теменужка Петкова ветила дека реализацијата на нуклеарната централа „Белене“ ќе продолжи, за Москва да не се лути.

Ова значи целосна конфузија во однос на енергетската иднина на земјата, во која никако не можат да бидат вклучени новата станица во Белене и новиот нуклеарен блок во Козлодуј. Резултатот од таквата политичка сервилност на Истокот и Западот ќе биде минимум пропуштени можности за енергетска трансформација и огромни инвестиции во нуклеарни централи, но во секој случај тоа ќе значи зголемување на цените на електричната енергија и влошување на инвестициското опкружување, пишува Капитал.

Да потсетиме, Борисов во вторникот најави изградба на нов блок на нуклеарната централа Козлодуј и набавка на американски реактор за тоа. Во таа насока, бугарскиот министер за енергетика рече дека бугарскиот енергетски холдинг ќе започне преговори со американски компании.

Сето ова се случи буквално десет дена по посетата на помошникот државен секретар на САД, Франсис Фенон и неговите остри критики во врска со реализацијата на Балканскиот поток и нуклеарната централа Белене на територијата на Бугарија. Дипломатот рече дека двата проекти се инструменти на руско влијание. Според Петкова, нема никаква врска помеѓу посетата на Фенон и одлуката за користење на американската технологија при изградбата на новиот блок на Козлодуј.

Во средата, членот на бугарската социјалистичка партија, Светлана Шаренкова, исто така, ја критикуваше одлуката на владата за купување на американски реакторот во Козлодуј. Таа верува дека Борисов дава такви предлози само за да остане на власт.

Премиерот сака само да си ја спаси сопствената кожа, но ниту неговите фантазии во областа на нуклеарната енергија, ниту однапред платените авиони Ф-16 нема да му завршат работа, бидејќи Вашингтон не може да му гарантира дека тој ќе остане на власт, пишува весникот.