Белградска арена од денеска е привремена болница која ќе може да прими 510 пациенти кои се лекуваат од ковид-19.

Медицинскиот координатор на привремената болница потполковник Предраг Богдановиќ рече дека во партерот има 360 легла, а на третиот кат, каде што биле ВИП ложите, 150 легла.

Арена има и централна дистрибуција за кислород, така што тука може да бидат приклучени и респиратори.

Моментално во привремената болница се 10 лекари и 20 медицински сестри кои ги чекаат првите пациенти.За пациентите ќе се грижи медицински персонал од 15 здравствени установи.

-Арена е планирана за пациенти со средна до средно тешка клиничка слика на кои им е потребна кислородна терапија, рече Богдановиќ за Танјуг.

Собите на галеријата главно се двокреветни, со бања и имаат кујничка и телевизор. Во партерот има 40 боксови со по 9 легла и заедничка бања.

Во Арена може да се извршуваат лабораториски анализи и снимање на белите дробови и срце.