Премиер на Словенија, Јанез Јанша во видео порака објави дека од денес ќе биде прогласена епидемија за Словенија. Прогласената вонредна состојба ќе важи во наредните 30 дена.

Портпаролот на словенечката влада Јелко Кацин рече дека словенечката влада одлучила да прогласи општа епидемија со цел да има правна основа за прогласување дополнителни мерки.

Јанша ги повика граѓаните да покажат единство и солидарност преку одговорно однесување за време на „студениот бран“ на пандемијата со ковид-19, уверувајќи ги дека и покрај тешкотиите, здравствениот и другите системи ќе работат ефикасно.

Не се соочуваме со бездна во која ќе паднеме, туку ова е заеднички предизвик од кој ќе излеземе како победници, рече Јанша.

Јанша рече дека на ниво на Европската унија оваа недела е консензуално утврдено дека во зимскиот на пандемијата хиерархиски приоритет треба да биде спасувањето животи, здравјето и економијата, додека „забавата и некои лични слободи“ треба да почекаат некое време.

Вакцината против ковид-19 ќе биде достапна бесплатно во Словенија, посочи Јанша.

Во Словенија, во саботата се потврдени 726 инфекции со коронавирус од 3765 направени тестови, а учеството на заразените меѓу испитаните е скоро 20 проценти. Уште четири лица починаа од последиците од ковид-19, така што бројот на смртни случаи се зголеми на 188 од почетокот на епидемијата.

Од избувнувањето на пандемијата кон средината на март, со тестирањето се потврдени 13.141 случај на инфекција со коронавирус, активни случаи има 6.641, а на национално ниво има 317 случаи на 100.000 жители во последните 14 дена.