Полицијата го приведе Ристо Новачевски, кум на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски.

Тој е осомничен, како дел од поголема група, за сторено кривично дело перење пари. Според извори во истрагата групата и Новачевски се осомничени за купување градежни парцели на Водно.

Во една од објавените бомби, во проектот Вистината за Македонија, Никола Груевски објаснува како нашол за џабалак плац на Водно.

Новачевски по распитот од секторот за организиран криминал во МВР ќе биде однесен пред судија на претходна постапка.

Покрај Новачевски, Обвинителството како дел од групата за перење пари ги има осомничено и поранешниот шеф на ДБК, Сашо Мијалков, Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ. Според порталот сдк.мк тие се сомничат дека на нивно име или на име на нивни фирми биле плацевите на Водно.

Камчев, Мијалков и Јосифовиќ се осомничени и во предметот Империја.

Ненад Јосифовиќ е еден од долгогодишните бизнис-партнери на Орце Камчев, кој уште од 2001 година работи како комерцијалист во „Орка спорт“, референт во „Орка Холдинг“, Мала Богородица, фирмата МОНТ, Кара – сите фирми поврзани со Камчев. Тој е десна рака на Камчев и воедно беше член на Надзорен одбор на Стопанска банка АД Битола.

Пред неколку месеци, директор на Фондот за здравство, Ден Дончев во врска со фирмата Диамед го спомна името токму на Новачевски.

Имавме информација дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, Диамед Македонија во периодот 2014 до 2017, му исплаќа вкупни износи од плата од преку 10 милиони денари, исплата на надоместоци околу 17 милиони денари, разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари и преку картичка на Диамед Македонија, лицето подига 12 милиони денари, кеш пари од банкомат, рече Дончев.

Во таа прилика Дончев потенцираше дека, поради поврзаноста на Ристо Новачевски со Никола Груевски, логички се поставија прашањата: Дали има судир на интереси или злоупотреба на службена положба и овластување при доделувањето на концесијата на Диамед Македонија? По кој основ државата се задолжила да плаќа огромни штети на концесионерот доколку предвремено се прекине договорот во било кој случај, а истовремено единствен финасиски надомест кој требало да се плаќа за концесијата изнесувало симболични 125 евра месечно? Дали е легално или воопшто пожелно да се издава концесија која гарантира ексклузивен период од 20 години? Дали имало злоупотреба на моќ или други нелегални дејства? По кој основ се исплатени огромни средства на Ристо Новачевски? Дали зад Вера Иванова всушност се кријат вистинските сопственици на Диамед Македонија?

Ристо Навачовски му беше кум на Никола Груевски во неговиот прв брак, во вториот брак на Груевски негов кум беше тогашниот министер за финансии, Зоран Ставревски.

Новачовски се спомнуваше како можен конзул во Солун но под притисок на јавноста не беше испратен на таа функција.

Важи, заедно со Тони Димитриевски, за човек од најголема доверба на Груевски. Новачовски и Димитриевски беа претседатели на Управниот и Надзорниот одбор на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор. Преку тоа претпријатие помина голем дел од екипата на Груевски и Мијалков: Никола Тодоров, Биљана Бришковска други.

Инаку за Новачовски се врзуваа многу муабети за лекови од Сирија и Индија. Има индиции дека и за тоа се вршат одредени истраги.