Истакнатиот хрватски научник Гордан Лауц денес на својот Фејсбук профил ги објави резултатите од американско истражување според кое вирусот САРС-КоВ-2 се распаѓа пет пати побрзо на температура од 22 степени Целзиусови и релативна влажност од околу 60 проценти.

Ова е уште еден доказ за силната сезонска природа на САРС-КоВ-2 и објаснување зошто сега имаме толку голем пораст. За среќа, ова е параметар на кој можеме да влијаеме, т.е. можеме да се осигураме дека немаме сув воздух во просториите во кои престојуваме.

Инаку Лауц е дел на кризниот штаб на Република Хрватска кој е формиран во врска со пандемијата со корона.

Според неговото мислење бројот на реално заразени е најмалку 10 пати, а веројатно и 20 или 30 пати поголем од бројките кои се соопштуваат во јавноста. Според неговите пресметки во овој момент во Загреб веројатно има некаде од 50 000 до 100 000 луѓе кои се заразени со ковид-19. Ова значи дека сме близу до врвот на епидемијата во Загреб, вели тој.

Постојат се повеќе докази дека вирусот шири аеросолно, вели тој, а тогаш скоро и да не можете да го избегнете.

Добрата страна на оваа ситуација е што состојбата може да започне да се подобрува за неколку недели, а дотогаш сите мора да бидеме што е можно поодговорни пред себе и другите, напиша Лауц.