За пет историски личности бил постигнат договор меѓу двете историски комисии кои треба да ги испеглаат отворените историски прашања меѓу Македонија и Бугарија. Тоа е резултат на работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања меѓу двете држави.

Иако експертите не се согласуваат со терминот заедничка историја, термин кој често го употребува премиерот Зоран Заев, бидејќи според нив заедничка историја може да има само еден народ кој живее во две држави. Затоа тие ја препорачуваат формулација за одредени историски личности кои се дел од историите на двата народи.

На почетокот на неделата Заев потврди дека се решени три поглавја, пет историски личности, а дека шестата историска личност за која се разговара е Гоце Делчев.

Имаме архиви, ќе седнеме ќе ги извадиме транспарентно и јавно. Важна е историјата, но треба да биде појдовна основа за иднината. Ќе најдеме решение. Треба да излеземе двете страни победници, вели Заев.

Од извори во двете комисии ние успеавме да ги дознаеме имињата на четирите од петте личности за кои е веќе најден или е постигнат историски компромис. Првата личност е царот Самоил, кој прво столувал во Преспа, а потоа седиштето на своето царство го префрлува во Охрид. Бугарите го својатаат Самоил, но целиот негов живот и седиштето на неговата империја било во денешна Македонија и во дел на Егејска Македонија.

Втората личност е поетот Глигор Прличев кој ја има напишано една од најубавите поеми во своето време, Сердарот кој е по потекло од Охрид. Третата и четвртата личност се Константин и Димитар Миладинови или Браќата Миладиновци. Тие се значајни поради песната Т’га за југ и зборникот на народни песни.

За петтата личност се уште не добивме потврда од двете комисии и затоа неговото име не го објавуваме.

Интересно е дека сите четири личности за кој бил најден договор се од охрискиот регион-Охрид или Струга. Затоа и Бугарите со години наназад инсистираат толку на Охрид и на Охридската Архиепископија.

Останува да почекаме двете комисии самите да ги објават имињата на историските личности за кои се договориле.