Српското Министерство за одбрана објави дека е покрената постапка за формирање претставништво на руското Министерство за одбрана во Србија.

Целта на формирање претставништво на Министерството за одбрана на Руската Федерација во Република Србија е да обезбеди поддршка и побрзо решавање на прашањата поврзани со воена техничка помош и воена и воена техничка соработка во согласност со договорот меѓу Владата на Република Србија и Владата на Руската Федерација, а потпишан од врховните команданти Александар Вучиќ и Владимир Путин, објасни Министерството за одбрана на Србија.

Бидејќи ништо во политиката не е случајно, така е и најавата за указот на руската влада од 15 октомври, потпишан од премиерот Михаил Мишустин, за отворање на канцеларијата на руското Министерство за одбрана во Србија.  Среде преговори за формирање на нова влада во Србија, во која Вучиќ имаше намера да го намали влијанието на проруските партии.

Шефот на канцеларијата треба да помогне во решавањето на воените и техничките прашања поврзани со соработката меѓу Русија и Србија.

Во Србија, во Ниш, веќе постои хуманитарен центар на Русија, кој на Запад, се смета дека е руска разузнавачка база. До денес, Белград не одговори позитивно на барањето на Русија да им се даде на нивните претставници во тој центар дипломатски имунитет, каков што имаат претставниците на западните армии во Србија. Што покажува во која мерка се комплексни односите меѓу Русија и Србија, кои многу често се поедноставуваат, особено во српската јавност.

Конечно, Србија сè уште не прифаќа Русија да биде вклучена во дијалогот меѓу Приштина и Белград и не сака тој да се одвива во рамките на ООН.  Што е постојано повторувана желба на Москва.

Договорот, кога ќе биде потпишан од двете страни, ќе му обезбеди на секој руски службеник во Србија право да ги посетува српските дивизии со употреба на руско оружје и воена опрема, под услов да биде објавена неговата посета и да се обезбеди согласност. 

Србија, чие оружје е засновано на поранешната советска технологија, во последните години набавува борбени авиони МИГ-29, хеликоптери Ми-35, тенкови и оклопни возила од Русија.  На 10-ти октомври, српската армија спроведе голема воена вежба и демонстрираше употреба на оружје од руско производство, вклучувајќи го и противвоздушниот систем Панцир.  Таа воведе и борбени беспилотни летала што неодамна ги набави од Кина.

Но, од друга страна, минстиот месец, таа ги прекина и ги одложи воените вежби со странски војници за шест месеци, а како причина го наведе притисок од ЕУ да се повлече од заедничките вежби со Русија и Белорусија.

Русија сака да го задржи максималниот можен притисок врз Србија поради одлуката на Белград да го интензивира својот пристап кон Европската унија.  За НАТО не станува збор, но не треба да се заборави дека Србија има подинамични односи со претставниците на Северноатлантскиот сојуз отколку со Русија и нејзините сојузници.  Имено, Србија е опкружена со членки на НАТО, додека Русија е сè уште далеку.  Што многу ја загрижува Москва.

НАТО одби да го коментира можното отворање на канцеларијата на руското Министерство за одбрана во Белград.