Како никогаш досега, по бегството во Унгарија, Никола Груевски многу кратко одговори за приведувањето на неговиот кум Ристо Новачевски, заради сомнение дека го сторил кривичното дело перење пари и други приноси.

За разлика од другите случаи каде тој опширно и во детали ги објаснуваше работите и ги презентираше своите ставови, сега Груевски напиша многу краток ( за негови стандарди ) фејсбук статус каде тој повеќе се заканува и “проколнува” отколку што ја брани својата невиност.

За тоа постојат неколку мотиви.

Прво, Груевски не очекуваше власта да удри на неговиот кум. Според многу шпекулации тој бил “благајникот” каде биле оставени дел од парите. Сега власта прв пат доаѓа блиску до парите на бегалецот!?

Второ, за разлика од случајот во кој е веќе осуден, каде може ефикасно да се брани дека купениот мерцедес го користи и сегашната влада, сега не е таков случајот. Сега за прв пат посериозно се руши митот за чесниот и аскетски Груевски.

Сега Обвинителството го сомничи Груевски за 1,3 милиони евра. Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, партиските  пари од донации наместо да ги става во касата на партијата ги ставал на сметки на оф шор компании. Сега се сомничи дека од тие пари за себе си купил градежна парцела од 11 илјади метри квадратни на Водно.

И трето полека но сигурно се тресе власта на неговиот пријател Виктор Орбан кој лани беше поразен на локалните избори во главниот град Будимпешта.

Соочен со зајакнување на вториот бран на пандемијата ковид-19, унгарскиот премиер Виктор Орбан се повеќе беше критикуван за неговиот начин на управување со кризата со корона.

Според Европскиот центар за контрола на болести (ECDC), Унгарија на 19 октомври беше третата земја со најголема смртност од ковид на еден милион жители во европскиот блок, веднаш зад Чешката Република и Романија.

БДП на Унгарија падна за 13,6 отсто во вториот квартал и е тоа најлош резултат во Вишеградската група (Чешка, Унгарија, Полска и Словачка).

На Орбан му е јасно дека ако пропадне економијата, тој ќе загуби на изборите во 2022 година, објаснува опозицискиот политичар Акос Хаџази.

Во секој случај времето не работи за Виктор Орбан. Се гледа дека е свесен за трендовите.

Груевски тоа го гледа и не може да не биде загрижен за својата иднина. Кога е човек во таква ситуација тогаш секогаш му виси над главата прашањето што ако му биде откажано гостопримството!

Груевски очигледно има направено нешто надвор од договорот. Овој случај е одговор на тоа и порака до него. Затоа е Груевски нервозен и исплашен.