Бугарските и македонските историчари мора да најдат решение што навистина ќе влијае на образовната програма, смета Иван Илчев, дописен член на Бугарската академија на науките и член на бугарско-македонската комисија за историја и образование.

Иако за време на состаноците со македонски колеги успеавме да се договориме за промените во учебниците, во реалноста сè останува исто.

Тоа за што ќе се согласиме нема да има апсолутно никакво значење ако го нема во учебниците. Децата во Македонија продолжуваат да учат од учебниците во кои пишува дека старите Бугари се номадски народ со татарско-монголско потекло кои биле пљачкаши. Тоа е глупост, рече Илчев за бугарската телевизија БТВ. Тој додаде дека ваквата формулација сè уште е присутна во учебникот за шесто одделение, иако македонските колеги изјавија дека тоа не е точно.

Ние мора да се откажеме од идеата дека Македонците се наши браќа. Тие се соседна земја со свои интереси, а ние имаме свои. Низ историјата, нашите интереси се вкрстуваа, но има и други области во кои можеме да работиме заедно, рече Илчев.

Тој смета дека бугарската влада треба да изврши темелна анализа за тоа што е придобивка и што може да биде штета за Бугарија од влезот на нејзиниот сосед во Европската унија.

Дали ќе разговараме само за братските чувства или не? Потребна е анализа како ќе изгледа тоа во економската сфера, ни треба анализа која би покажала: ако Македонија стане членка на Европската унија, веројатно ќе не поддржи за одредени прашања, но за некои прашања ќе ни создаде проблеми, рече Илчев.

Претходно, бугарскиот премиер Бојко Борисов се состана со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и изрази поддршка за Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Премиерот ќе се сретне со неговиот колега Зоран Заев на 11 ноември, а првата меѓувладина конференција за пристап на Македонија во ЕУ се очекува во декември.

Скопје се надева дека Софија ќе одреди датум за конференцијата, но Бугарија има свој став, рече вицепремиерот Красимир Каракачанов. Тој изјави дека големите европски земји, пред се Германија, вршат притисок врз Софија заради скопското прашање.