Русија не планира да воведе остри ограничувања за спречување на епидемијата ковид-19, рече во средата претседателот Владимир Путин, иако земјата регистрираше рекорден број смртни случаи од оваа респираторна болест.

Бројот на заразени скокна во последните денови, вчера имаше 15.700 позитивни на тестирањата, што е близу до рекордот поставен на почетокот на оваа недела. Во последните 24 часа, во Русија починаа рекордни 317 лица од ковид-19, а вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата се искачи на 24.952.

Затоа се очекуваше дека Москва може да воведе строги мерки за борба против епидемијата, слични на оние што се покажаа штетни за економијата на почетокот на оваа година.

Во врска со можноста за строги, сеопфатни мерки, ние не планираме да го сториме тоа. Владата нема такви планови, рече Путин на видео-конференција со водечки бизнисмени.

Русија мора да продолжи со тестирање, да ги следи безбедносните мерки и да започне со вакцинирање, додаде тој.

Претходно во средата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека Русија сега е поподготвена да одговори на пандемијата и дека клучните мерки се претпазливост, хигиена и мерки воведени од локалните власти.