Веќе втор носител, од вкупно шест носители на изборните листи на ВМРО ДПМНЕ, си поднесе оставка во последните два месеци.

Вчера, носителот на изборната листа на ВМРО ДПМНЕ во петтата изборна единица, Игор Дурловски си поднесе оставка, односно го врати својот пратенички мандат.

На својот фејсбук профил, Дурловски напиша:

Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотеља боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија, а на колегите од коалицијата „За обнова на Македонија“ им посакувам истрајност, доследност, мудрост, којашто сум сигурен дека ја имаат.

Останува дилемата зошто Дурловски се реши на ваков чекор? Имало во минатото ситуации кога носители на изборните листи го враќале мандатот но дури откако ќе бидат избрани на премиерската или некоја министерска функција.

Можеби следниот став на Дурловски го дава одговорот на така поставената дилема.

Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам а ќе продолжам да го правам, напиша Дурловски.

Што не можел да направи Дурловски, а го зборувал? Тој стана познат по протестите против Тиранската платформа. Денес е актуелен спорот со Бугарија.

Вчера од Левица, до претседателот на Собранието доставија предлог Декларација во десет точки за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии.

Според политичките шпекулирања, за кои не добивме одговор ниту од Дурловски ниту од партијата, Дурловски сакал да ја потпише таа декларација.

И тука наводно се јавува проблемот. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски не се согласил со таа одлука на Дурловски, му забранил да ја потпише декларацијата, и потоа следува неговото враќање на мандатот.

Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас, напиша Дурловски.

Не на партијата или лидерот, туку доследен на ( како што вели ) моите поддржувачи и нивниот глас.

Инаку на изборите на 15 јули Дурловски изгуби од Радмила Шеќеринска во петтата изборна единица.

Освен Дурловски оставка поднесе и Игор Јанушев. Тој беше носител во третата изборна единица, каде ВРМО ДПМНЕ победи. Тој даде оставка на функцијата генерален секретар, иако не беше шеф на Републичкиот изборен штаб. Таа функција на овие избори ја обавуваше Христијан Мицкоски.